Бројот на илегални мигранти кои преминале во ЕУ минатата година бил нешто помалку од 200.000 луѓе, што е најголем број од 2017 година и ги надминува предпандемиските размери, покажа новиот извештај на Европската агенција за гранична и регионална стража (Фронтекс).
Според порталот „Балканска безбедносна мрежа“, најголемата експанзија доживеала западнобалканската рута, која минува и низ Македонија.
Според Фронтекс, бројот на регистрирани илегални преминувања на мигранти во ЕУ минатата година бил за 57 отсто поголем отколку во 2020 година.
„Ограничувањата наметнати поради пандемијата на коронавирус во тоа време значително ја намалија нередовната миграција, за да ги надминат нивоата пред короната во 2021 година. Ова е изненадување со оглед на многуте ограничувања на глобалната мобилност на населението“, се вели во текстот.
Порталот додава дека на рутата што води низ Медитеранот е забележан пораст на бројот на илегални мигранти за 83 отсто, на Кипар 123 отсто и на рутата преку Западен Балкан дури 124 отсто.
И во 2020 година, кога вкупниот прилив на мигранти поради кораната беше намален за 13 отсто, најактивна беше рутата низ Западен Балкан. Меѓутоа, во апсолутни бројки, рутата што ги води мигрантите преку Медитеранот до ЕУ останува најважна.
Еден од факторите што влијаеше на ваквиот развој на настаните во 2021 година е приливот на илјадници мигранти од Блискиот Исток преку Белорусија, смета Фронтекс.
Европските власти сметаат дека станува збор за акција свесно организирана од властите во Минск, како дел од хибридна операција чија цел е „напад“ на надворешните граници на Унијата.
Што се однесува до националноста на илегалните мигранти во ЕУ во текот на 2021 година, за разлика од претходните години кога Авганистанците и Пакистанците беа на врвот на листата, сега Сиријците повторно се најбројни. Зад нив се бегалци од Тунис, Мароко, Алжир и дури потоа од Авганистан. Бројот на мигранти од Египет е зголемен дури седум пати (во споредба со 2020 година), а по бројност се издвојува и населението на Бангладеш.
Податоците на Фронтекс укажуваат дека жените сè уште сочинуваат помалку од десет отсто од вкупниот број бегалци, односно дека нивниот број е дури и намален во однос на 2020 и 2019 година. Што се однесува до другите ранливи групи, бројот на малолетници без придружба и со придружба кај илегалните мигранти останал непроменет.
Истражувањето покажува дека зголемувањето на бројот на премини во ЕУ не мора да значи дека се движат поголем број луѓе во кризните подрачја, туку дека се активирани оние луѓе кои живееле во земји во непосредна близина на Унијата.
„Тоа се луѓе кои дојдоа порано на границите на Унијата, каде што беа држени од поригорозна контрола или отежнувачки околности што следеа по прогласувањето на глобална пандемија на коронавирус“, се додава во текстот.
Западните медиуми потсетуваат дека од почетокот на бегалската криза во 2015 година, западнобалканската рута е една од најактивните, поради што се разви многу обемна мрежа на шверцери на луѓе.
Иако во меѓувреме имаше значително заострување на граничните контроли, пред се од страна на Унгарија и Хрватска, како и ограничувања на движењето поради избувнувањето на пандемијата на коронавирусот, активностите на мигрантите никогаш не беа запрени.
„За мигрантите кои се обидуваат да стигнат до ЕУ, Србија е клучна точка за патување. Иако земјата не е во Унијата, таа е на граница, така што мигрантите кои стигнуваат до Србија се блиску до целта“, се вели во текстот.