ФТ: Вкупно 643 компании под санкции поради врските со Русија

од Stefanija Kuzmanovska
206 прегледи

Европската унија (ЕУ) подготвува нови санкции за кинеските и индиските компании поради нивните врски со Русија, а на листата на „нови имиња“ се наоѓаат компании во Србија, Шри Ланка, Турција, Тајланд и Казахстан, пишува „Фајненшл тајмс“ (ФТ ).

Брисел предлага да се воведат санкции за три кинески компании и една индиска компанија како дел од најновите мерки кои имаат за цел да ѝ зададат удар на „руската воена машина“.

Според предложените мерки, на европските компании ќе им се забрани соработка со наведените компании.

Брисел се обидува да спречи какво било заобиколување на наметнатите ограничувања, особено кога станува збор за набавка на електронски компоненти кои би можеле да се пренаменат за употреба во системи за оружје.

„Исто така, соодветно е да се вклучат на таа листа и некои други субјекти во трети земји кои индиректно го поддржуваат рускиот воен и индустриски комплекс со трговија со такви компоненти, заедно со неколку руски компании“, се наведува во документот.

Предлогот исто така ќе го забрани извозот на компоненти за дронови во Русија.

Пакетот санкции, кој се очекува да биде одобрен пред втората годишнина од руската инвазија на Украина на 24 февруари, ќе биде 13-ти усвоен од ЕУ.

На листата на компании под санкции ќе има вкупно 643 компании, доколку предлогот биде усвоен.

„Новите имиња вклучуваат и компании во Шри Ланка, Турција, Тајланд, Србија и Казахстан“, пишува ФТ.

Доколку членките на ЕУ го одобрат планот, тоа ќе биде првпат бизнисите во Кина и Индија да бидат погодени од санкциите на ЕУ.

Тие компании, заедно со една во Хонг Конг, се меѓу 21 именуван ентитет во документот на Европската комисија во кој ФТ имал увид и за кој известува „Блумберг“.

Дипломатите очекуваат повеќе од 200 лица да бидат санкционирани во идните нацрти на предлогот.

Слични содржини