
Група од 20 министри за финансии се договорија во неделата да состават општи правила за затворање на „дупките“, користени од технолошките гиганти како Facebook, за да ги намалат своите корпоративни даноци, пренесоа агенциите, повикувајќи се на завршното коминике на Г-20.
Големите технолошки компании се критикувани дека ги намалуваат даночните сметки, откако ги пренесуваат добивките во земји со ниски даноци, независно од локацијата на крајниот клиент. Многумина сметаат дека ваквите практики се нефер.
Новите правила би значело повисоки даночни оптоварувања за големите мултинационални компании, но ќе им отежнат на земји како Ирска да привлечат странски директни инвестиции со ветување за исклучително ниски стапки на корпоративниот данок.
Предлозите се уште се малку нејасни, но постепено се обликуваат, коментира јапонскиот министер за финансии, Таро Асо, кој претседаваше со средбата на Г-20 во Фукуока, Јапонија, истакнувајќи дека во моментов се разгледуваат „два столба“ на оданочување.
Велика Британија и Франција се меѓу најгласните приврзаници на предлозите, кои имаат за цел да го направат потежок трансферот на добивката во јурисдикции со ниски даноци.
Ова ги исправи двете земји во конфликт со САД, кои изразија загриженост дека интернет компаниите во САД се неправедно адресирани во далекусежни напори за ажурирање на глобалниот корпоративен даночен законик.
Големите интернет компании велат дека ги почитуваат даночните правила, но тие плаќаат помалку даноци во Европа, обично преку канализирање на продажбата во земјите како Ирска и Луксембург, кои имаат слаби даночни режими.
„Го поздравуваме неодамнешниот напредок во справувањето со даночните предизвици кои произлегуваат од дигитализацијата, и ја поддржуваме амбициозната програма, која се состои од пристап, базиран на два столба“, се вели во коминикето на Г-20 во неделата.
„Ние ќе ги удвоиме нашите напори да постигнеме консензуално решение со финален извештај до 2020 година“, додаваат оттаму.
„Двата столба“ на Г-20 би можеле да доведат до двојна опасност за некои компании. Првиот столб предвидува оданочување според тоа каде се продаваат стоките или услугите, дури и ако компаниите не се физички присутни во одредена земја.
Ако компаниите се уште се во можност да најдат начин да ги пренесат добивките во засолништа со ниски даноци, тогаш земјите би можеле да применат глобална минимална даночна стапка, која ќе биде договорена по вториот столб.
„Гледам висок степен на подготвеност за заедничка работа на оваа тема, која малкумина можеа да ја очекуваат пред година“, вели Пјер Московичи, комесар на Европската унија за економски прашања.
„Ние навистина веруваме дека технолошките гиганти, кои не се само GAFA, треба да плаќаат фер удел на данокот, кога ќе создадат вредност и добивка“, додава тој.
GAFA е акроним, кој често се користи за означување на Google, Amazon, Facebook и Apple, кога се зборува за влијанието на големите технолошки компании.