Министрите за надворешни работи на членките на Групата седум најбогати западни демократии (Г7) и шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, денеска ги осудија обидите на Русија да го користи извозот на енергија како оружје и како средство за геополитичка принуда, оценувајќи дека поради тоа Москва не е одговорен снабдувач на енергија.
Министрите за надворешни работи на САД, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Јапонија, Канада и ЕУ во заедничка изјава рекоа дека тесно ќе соработуваат за да го ублажат влијанието на нарушувањата во снабдувањето врз економиите и граѓаните ширум светот и во нивните земји, особено за заштита на ранливите групи.
„Ние работиме на тоа Русија да не ја користи својата позиција како производител на енергија за да профитира од агресијата (против Украина) на штета на ранливите земји“, наведоа тие.
Ова ги вклучува напорите за намалување на побарувачката за руска енергија и поддршка за доброволни колективни акции од страна на Меѓународната агенција за енергетика (ИЕА), рекоа министрите во изјавата објавена од Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС).
Шефовите на дипломатиите додаваат дека членките на Г7 и ЕУ дополнително ќе ја намалат нивната зависност од цивилните нуклеарни производи од Русија и сродните стоки и ќе им помогнат на земјите кои сакаат да ги диверзифицираат своите испораки.
Остануваме цврсти во нашата солидарност со Украина и ја потврдуваме нашата недвосмислена посветеност да ја поддржиме владата и народот на Украина во нивната храбра одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина и во нивната борба за мирна, просперитетна и демократска иднина“, се додава во соопштението.
Претставниците на Г7 и ЕУ повторија дека силно ја осудуваат „бруталната, неиспровоцирана, неоправдана и незаконска агресивна војна на Русија против Украина“ и дека нема да ги признаат „продолжените обиди на Русија да ги промени границите со сила“.