Се очекува денес министрите за финансии на Групата седум најразвиени економии да ги зајакнат плановите за ограничување на максималната куповна цена на руската нафта во глобалната трговија, со цел да се намалат приходите на Москва, која води војна во Украина. но и за да се намали притисокот на енергетскиот пазар, изјавија за агенцијата Ројтерс претставници на Г7.
Министрите на Г7 треба да се состанат преку видео врска и најверојатно ќе издадат изјава во која ќе ги наведат нивните планови за спроведување на овие мерки.
„Веројатен е договор“, рече европски претставник на Г7, додавајќи дека не се знае колку детали ќе бидат откриени, како што е плафонот на цената за барел над кој земјите кои се придржуваат до договорот ќе одбијат финансирање и осигурување за танкери со руска сурова нафта и товар.
Британскиот министер за финансии Надим Захави во четвртокот во Вашингтон изјави дека се надева оти министрите за финансии на Г7 ќе дадат изјава што ќе покаже дека е можен побрз напредок кон оваа цел.
Портпаролката на Белата куќа Карин Жан-Пјер вчера одби да ги коментира плановите за ограничување на цената на Г7.
„Ќе слушнеме повеќе во петок за тоа како ќе функционира ова, преку партнерство со нашите сојузници во Г7. Веруваме дека ова ќе биде начин навистина финансиски да ја погодиме Русија“, рече портпаролката на Белата куќа.
И покрај падот на обемот на извозот на нафта од Русија, нејзиниот приход по оваа основа се зголеми во јуни за 700 милиони долари во однос на мај, поради цените што пораснаа како резултат на војната во Украина, објави минатиот месец Меѓународната агенција за енергетика, наведува Ројтерс.
Г7 се состои од Британија, Канада, Франција, Германија, Италија, Јапонија и Соединетите Американски Држави.
Некои претставници на Г7 рекоа дека на таквата граница му е потребна поширока поддршка и се сомневаат дали мерката би можела да биде успешна без учество на главните потрошувачи на нафта Кина и Индија, кои најверојатно нема да го поддржат планот.
Но, други претставници на Г7 изјавија дека Кина и Индија изразиле интерес за купување руска нафта по уште пониска цена во склад со ограничувањето, објави британската агенција.