Русија во понеделникот рече дека потезите на земјите-членки на Г7 за забрана на увозот на руско злато се „незаконски“ и посочи дека ќе бара други пазари за да ги заобиколи санкциите.
„Пазарот на благородни метали е глобален. Тој е доста голем, обемен и исклучително разновиден“, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, цитиран од новинската агенција „Интерфакс“.
Ако пазарот ја изгуби својата привлечност како резултат на недозволиви одлуки, ќе има пренасочување каде што има поголема побарувачка за предметната стока, рече Песков.
Велика Британија, САД, Канада и Јапонија одлучија на состанокот на групата од седумте водечки светски економии Г7 да го забранат увозот на руско злато во новиот пакет санкции против Москва поради нејзината инвазија на Украина.
Извозот на злато е вториот најголем извор на приход за Русија, која годишно произведува од 350 до 380 тони благороден метал.