Според угледниот „Гардијан“, високиот претставник на меѓународната заедница во Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, предупредил дека земјата е во непосредна опасност од распаѓање и дека постои „многу реална“ можност конфликт.
Високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит, во својот извештај до Обединетите нации, до кој „Гардијан“ имал пристап, истакнал дека доколку српската страна формира своја армија, може да дојде до нов конфликт.
„Гардијан“ наведува дека Шмит, во својот прв извештај по преземањето на функцијата во август, предупредил дека Босна се соочува со „најголемата егзистенцијална закана во повоениот период“.
Во текстот се наведува дека лидерот на босанските Срби Милорад Додик се закани дека ќе се повлече од институциите на државно ниво, вклучително и од националната армија, која беше изградена со меѓународна помош и дека ќе ја обнови армијата на Република Српска.
„Гардијан“ додава дека Додик на 14 октомври рекол дека ќе ја принуди босанската армија да се повлече од Република Српска опкружувајќи ги нејзините касарни и дека доколку Западот се обиде воено да интервенира, тој има „пријатели“ кои ветиле дека ќе ја поддржат „српската кауза“.
Авторот на текстот во „Гардијан“ претпоставува дека Додик во таа прилика мислел на Србија и Русија.