Гаши: Очигледно е дека правен систем во Македонија веќе немаме

од Vladimir Zorba
97 прегледи

Портпаролот на Движењето БЕСА, Африм Гаши, коментираше на Фејсбук во однос на објавувањето на втората „бомба“ на лидерот на СДСМ Зоран Заев.

– Ако при првата „бомба“ се распаднал безбедносниот систем, при втората се урна целосно правниот систем во Македонија, пишува Гаши. При ваква состојба со правниот систем, тој повика да се ослободат осудените од случаите „Монструм“ и „Сопот“.

Интегрално објавата на Гаши на Фејсбук:

– После првата „бомба“, кога разбравме дека безбедносниот систем е во распад, после вчерашната „бомба“ се уверивме дека правниот систем во Македонија веќе не постои. После овие настани осудените од случаите „Монструм“ и „Сопот“ треба да се прогласат за невини, да се пуштат веднаш на слобода и да се обесштетат. Иако знаевме дека овие процеси се монтирани политички, од вчера тие и самите не уверија дека во Македонија правниот систем е целосно во рацете на партијата и на власта или уште поточно во рацете на полицијата и тајната служба. Овој систем можеме како сакате да го наречеме, но повеќе од јасно е дека правен систем во Македонија веќе немаме./ТВНова