Технологијата можеби нема да ги замени луѓето, но може да овозможи тридневна работна недела, навел милијардерот и основач на „Мајкрософт“, Бил Гејтс во подкастот What Now на Тревор Ноа.
Кога водителот го прашал за заканата за работните места што може да дојде од вештачката интелигенција, Гејтс рекол дека еден ден може да дојде време кога луѓето „не мора да работат толку многу“.
„Ако на крај добиете општество во кое треба да работите само три дена во неделата, тоа е веројатно во ред“, рече Гејтс.
Во иднина, додаде тој, може да има свет каде што „машините ќе можат да ја подготват секоја храна и слично“, а луѓето да не мора да работат пет дена во неделата, а некои дури и повеќе за да заработат за живот.
Иако вештачката интелигенција може да донесе некои позитивни промени, Гејтс претходно ги призна ризиците од вештачката интелигенција доколку се злоупотреби. Во јули објави пост на блогот за потенцијалното влијание на вештачката интелигенција.
„Мислам дека влијанието на вештачката интелигенција нема да биде толку драматично како индустриската револуција, но сигурно ќе биде големо како воведувањето на персоналниот компјутер. Апликациите за обработка на текст не ја укинаа канцелариската работа, но ја променија засекогаш“, истакна тогаш Гејтс.
Работодавците и вработените мораа да се прилагодат и тоа го направија, додаде тој.
Гејтс не е единствениот бизнисмен кој предвидува пократка работна недела. Извршниот директор на JPMorgan, Џејми Дајмон, рече дека следната генерација работници ќе имаат само три и пол дена работна недела поради вештачката интелигенција.
„Вашите деца ќе живеат до 100 години и нема да имаат рак поради технологијата и веројатно ќе работат три и пол дена во неделата“, изјави Дајмон за „Блумберг“ во октомври.
Гејтс еднаш рече дека спиењето го смета за „мрзеливост“, а во подкаст рече дека неговиот живот се вртел околу „Мајкрософт“ од неговата 18-та до 40-та година. Сега тој верува дека „целта на животот не е само работата“.
Компаниите во САД и во странство ја тестираа ефективноста на четиридневната работна недела, при што некои известуваа позитивно за подобрениот баланс помеѓу работата и животот и ефикасноста.