Ѓорѓи Гелатановски е едно од имињата што се разгледуваат како можни кандидати за градоначалник на Скопје од страна на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија. Тој, во изјава за „Локално“, ги потврди ваквите информации, но нагласи дека имињата на кандидатите за градоначалник на главниот град треба да бидат познати до средината на април.
Гелатановски истакна дека конечната одлука ќе ја донесе членството, но дека за него е важно и мислењето на сите граѓани на Скопје.
„Како што кажа претседателот Филипче, кандидатите ќе бидат познати до некаде средината на април, а во внатрепартиските анкети се наоѓа и моето име. За тоа дали ќе бидам градоначалник ќе одлучи членството, но мене не ми е важно само членството – ми е важно што мислат и Скопјани кои не се партиски определени, бидејќи и нивните гласови се важни“, изјави Гелатановски.
Гелатановски смета дека во фокусот на идниот кандидат за градоначалник на главниот град треба да биде целосната деполитизација на градската администрација, но и креирањето програми за младите, кои треба да добијат поголем простор во локалната власт.
„Секој што ќе биде кандидат мора да даде напори да се деполитизираат институциите и администрацијата, а во програмата главен фокус да бидат младите. Потребно е да се понуди решение за нивно вклучување во извршната власт на градот, да им се дадат места во управни одбори и вработувања, како и да им се даде предност при вработувања, со што ќе се спречи нивното иселување“, изјави Гелатановски.
На прашањето кои проекти треба да бидат во фокусот на идната градска администрација, Гелатановски истакна дека најконкретните решенија мора да бидат насочени кон решавање на горчливипроблеми како што се загадениот воздух, јавниот превоз и хигиената. Тој, исто така, посебен акцент стави на реконструкцијата на Зоолошката градина, за која смета дека мора темелно да се обнови.
„Сметам дека најконкретните решенија треба да бидат насочени кон загадениот воздух, кој е рак-рана на овој град, јавниот превоз, хигиената, како и кон проекти што ќе ја подобрат целокупната состојба во градот, која е крајно загрижувачка и критична. Исто така, потребна е реконструкција на Зоолошката градина – изградба на нови живеалишта и подобрување на условите за живот на згрижените животни“, завршува Гелатановски.
Д.Ѓ