Генерал Котески: Згрижувањето на ранети украински војници треба да се почитува, но мора да согледаме дали ќе можеме да го исполниме

од Nikola Popovski
547 прегледи

Наведената иницијатива од хуманитарен аспект треба да се подржи и почитува, меѓутоа пред нешто да ветиме, треба да согледаме дали истото можеме да го исполниме, вели поранешниот генерал-потполковник и поранешен началник на ГШ на АРМ, Горан Котески во разговор за „Локално“, во однос на можноста украински војници и деца да се рехабилитираат во Македонија по примерот на Хрватска. Според него, овде не се работи за желба туку за одговорна функција која подразбира санитетски транспорт, сместување и лекување на лица погодени од воен конфликт.

-Русија сигурно за оваа иницијатива нема да има позитивно мислење, но истото ќе биде во поблага форма во споредба кога ѝ дававме оружје и муниција на Украина, објаснува поранешниот началник.

Едно од битните прашања, според Котески, е нашиот капацитет на нашиот здравствен систем за извршување на ваква одговорна мисија, пред се мисли на сместувачките капацитети и кадровската пополнетост со медицински персонал од различни области.

-Следно прашање е дали за исполнување на оваа иницијатива ќе добиеме одредена финансиска помош или финансиските средства ќе ги обезбедиме сами. Иако нашите граѓани се гостопримливи, секојдневни проблеми кои ги имаат со здравствените услуги во нашиот здравствен систем, еден дел од граѓаните ќе имаат негативно мислење во спроведување на една ваква иницијатива, заклучува военото лице.

Начелно идејата за отворање центри за рехабилитација на ранети и повредени украински војници е прифатлива за Македонија, соопштија вчера од Кабинетот на претседателот, Стево Пендаровски.

„Идејата (за отворање центри за рехабилитација на ранетите и повредените украински војници во земјите од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија) е во принцип прифатлива за нас, но потребна е конкретна елаборација на деталите, за што ќе бидат одговорни. владите на земјите кои изразуваат согласност да учествуваат во таа програма“, велат од Кабинетот на Пендаровски.

На прашањето дали пристигнало официјално барање и дали ќе се разговара на состанок на Советот за национална безбедност на претседатело, одговорот е дека тоа е првичен предлог од страна на премиерот на Хрватска и претседателот на Црна Гора, со оглед на тоа дека тие две држави веќе имаат искуство и капацитети за рехабилитација од воените дејствија во 90-те години.

Идејата за балканските држави, вклучително и Македонија, да помагнат во рехабилитацијата на децата и војниците од воените зони во Украина, како што најави претседателот на Украина, Володимир Зеленски, била разговарано на средбите со претседателите на Македонија и Црна Гора, Пендаровски и Јаков Милатовиќ, на самитот Украина – Југоисточна Европа што се одржа во Тирана на 28 февруари.

Н.П.

Слични содржини