Шефот на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, прогнозира дека треба да се намалат очекувањата за глобален економски раст.
Во месец април тие се 3,6% за оваа и следната година. Наведените причини се пандемијата на Ковид, војната во Украина и повисоката од очекуваната инфлација.
Во САД, најголемата светска економија, таа надмина 9% за прв пат по четириесет години. Според Георгиева, милиони ширум светот страдаат од зголемените трошоци за живот, а најмногу страдаат најсиромашните.
Шефот на ММФ рече дека инфлацијата „се проширила над цените на храната и енергијата“, што поттикна многу централни банки да ги зголемат трошоците за задолжување – нешто што таа рече дека „ќе мора да продолжи“.
Предупредувањата за мрачните глобални економски изгледи доаѓаат пред состанокот на министрите за финансии на Г-20 и гувернерите на централните банки на Бали.