Герапетритис: Членството во ЕУ бара почитување на правилата и меѓународните договори

од Илинка Илиоска
234 прегледи

Грчкиот министер за надворешни работи, Јоргос Герапетритис, учествуваше на Министерскиот работен појадок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Њујорк, како дел од 79. Генерално собрание на ОН. Тој ја потврди поддршката на Грција за европските амбиции на шесте земји од Западен Балкан, пренесе „Катимерини“.

За време на средбата, Герапетритис дискутираше за реформите и процесот на интеграција на регионот во ЕУ, нагласувајќи ја поддршката на Грција за европското проширување, особено во услови на актуелните геополитички предизвици. Тој истакна дека членството во ЕУ бара исполнување на конкретни и непреговарачки обврски, како што се почитувањето на европските правила, меѓународното право и добрососедските односи.

Грција е подготвена да обезбеди техничка помош базирана на своето четиридецениско искуство во ЕУ, но, како што нагласи Герапетритис, одговорноста за спроведување на реформите лежи кај самите земји. Тој ја подвлече важноста од владеење на правото и заштита на човековите права.

Покрај појадокот, Герапетритис одржа и билатерални средби со своите колеги од Кипар, Либан и Египет, како и со министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Тимчо Муцунски. Темите на разговор со Муцунски вклучуваа билатерална и прекугранична соработка, исполнување на меѓународните договори како што е Договорот од Преспа, и важноста на добрососедските односи за напредокот кон ЕУ.

Оваа средба беше прв состанок меѓу двата министри, одржан во канцеларијата на Постојаната мисија на Грција во ОН.

Слични содржини