Герасимовски: Да бидеме мудри по примерот на Глигоров во сите предизвици кои ни следат

од Илинка Илиоска
19 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски денеска на свечена церемонија ја откри
спомен бистата на Киро Глигоров, поставена во дворот на училиштето кое го носи името на првиот
претседател на Република Македонија.

На свеченоста градоначалникот Герасимовски заедно со директорката Билјана Билбиловска
истакнаа дека со ова спомен обележје поставено во училишниот двор меѓу младите генерации, се
продолжува патот на големиот државник Киро Глигоров.

,,Оваа биста, за нас Центарци е многу повеќе од обичен споменик. Таа е потсетник дека сме на
вистинскиот пат. На патот кој го трасираше Киро Глигоров. Убеден сум дека претседателот
Глигоров би се гордеел со ова модерно и современо училиште кое го носи неговото име. Нашите
деца заслужуваат вакви училишта со највисоки стандарди, рамо до рамо со европските, а сепак
наши автентични македонски” истакна во својот говор градоначалникот Герасимовски.

На церемонијата присуствуваше и претседателот на СДСМ д-р Венко Филипче кој изјави дека ,,Ние
како генерација сме обврзани да ја продолжиме неговата визија за напредна демократска
Македонија, да ги надминеме сегашните предизвици и да изградиме подобра иднина за сите
наши граѓани”

На настанот беа доделени и благодарници на градоначалникот Горан Герасимовски,
раководителот на јавни дејности Јагода Јанковска и родителите кои помогнаа во реализација на
оваа иницијатива.

,,Сега, кога живееме во слободна, самостојна и назависна Македонија, имаме одговорност и
обврска да го зачуваме тоа што е со мака стекнато. Да бидеме разумни и мудри, по примерот на
Глигоров. Да мислиме на нашите млади, да ја градиме нашата иднина преку вложувања во
образованието и напредокот, бидејќи само така ќе имаме држава што е за почит. Цврсто верувам
дека овие млади луѓе кои се овде со нас ќе ја остварат визијата на Глигоров за успешна и
просперитетна Македонија, затоа да им помогнеме да го продолжат неговото дело” изјави
Геарсимовски.

Бистата која е поставена во дворот на училиштето е дело на Дарко Дуковски, родител на ученик од
училиштето Киро Глигоров.

Слични содржини