Герасимовски: Фотоволтаиците на покривите не прават лидер во иновативни проекти на локално ниво

од Vladimir Zorba
11 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски го презентираше отчетот за сработеното во изминатите три години. Тој вели дека Општина Центар ги носи иновациите од кои бенефит ќе имаат многу следни генерации.

„Општина Центар уште еднаш покажа дека е лидер во иновациите. Ние сме првата општина во државата што основа претпријатие за производство и продажба на електрична енергија. Преку „Енергија Центар” поставивме фотоволтаични централи на градинката „Пепелашка”, со што за една година ги преполовивме нејзините трошоци за електрична енергија. Пред два месеци, фотоволтаични панели поставивме и на кровната површина на училиштето „Киро Глигоров”, вкупно 720 панели со инсталирана моќност од 396 киловати за производство на електрична енергија. Оваа инвестиција, во вредност од 7,3 милиони денари, беше обезбедена од општинскиот буџет”, изјави Герасимовски презентирајќи го отчетот.

Тој појасни дека неговата цел е поставување на фотоволтаични централи на сите институции под ингеренции на општината.

„Нашата цел е да поставиме фотоволтаични централи на сите основни училишта и градинки, а средствата од продажбата на вишоците електрична енергија да ги реинвестираме во нови фасади, подобрување на објектите и унапредување на наставниот процес. Општина Центар е првата општина која отвори енергетска канцеларија, каде што сите заинтересирани правни и физички лица можат да добијат информации за процесот на поставување фотоволтаици на кровните конструкции на институциите или на сопствените домови. Често потенцираме дека сме пример кој вреди да се следи”, изјави Герасимовски.

Герасимовски на презентацијата на отчетот зборуваше и за капиталните проекти како доградбата на училиштето „Коле Неделковски”, паметното осветлување, изградбата на градинката Пролет, хортикултурното и партерно уредување, инфраструктурните проекти реконструирањето на Ленинова и др.

Слични содржини