Герасимовски го претстави тимот за урбанизам, еминенти урбанисти и архитекти на листата

Тој потенцира дека приоритет на општината е обезбедување повеќе зеленило и јавни простори, современа инфраструктура и функционален сообраќаен систем со решенија за паркирање кои ќе го намалат метежот.

од Vladimir Zorba
22 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, го претстави тимот од Комисија за урбанизам, составен од врвни архитекти и експерти кои работат на современи и одржливи урбанистички решенија за општината. Танкица Христова Спасовска, м-р Биљана Насковиќ, м-р Дамјан Цингарски, Александра Марсениќ Крајчески, Ана Лукиќ Коробар, д-р Маја Лазаревска и проф. д-р Митко Хаџи-Пуља е тимот што работи на планови за хуман развој и одржлива урбанизација со акцент на зеленило, велосипедизам, подземни паркинзи, јавни плоштади и квалитетно партерно уредување. Тимот ќе продолжи да се надградува и проширува со нови експерти, со цел уште посеопфатно да одговори на предизвиците на современиот урбан развој.

„Ова е тимот од еминентни урбанисти и архитекти. Работиме транспарентно и инклузивно, со активно учество на граѓаните и стручната јавност во процесот на донесување урбанистички планови. Ние сме лидер во промените, со храбри и визионерски одлуки секогаш во интерес на центарци. Прифатена е иницијативата за конфискација и пренамена на бесправно изградени објекти, што подоцна се преточи во законско решение, кое беше победа не само за нашата општина, туку и за сите општини во државата. Со одлуките што ги донесовме, воведовме нови стандарди усогласени со европските практики. Секое издавање дозвола за градба мора да предвидува паркинг-места за велосипеди, а употребата на механизирани системи за паркирање е ограничена на максимум десет проценти од вкупниот број паркинг-места. Деталните урбанистички планови за Буњаковец и Дебар Маало предвидуваат зголемување на зелените површини, враќање на парковите и јавните простори на граѓаните, како и задржување и проширување на дрворедите и велосипедските патеки долж главните улици”, вели Герасимовски.

Тој потенцира дека приоритет на општината е обезбедување повеќе зеленило и јавни простори, современа инфраструктура и функционален сообраќаен систем со решенија за паркирање кои ќе го намалат метежот.

„Работиме на изградба и уредување на велосипедски патеки и јавни плоштади, воведуваме ред во градежните зони со обврска оградувањето на градилиштата да биде исклучиво во рамки на градежната парцела и ја сопираме злоупотребата на рамните кровови кои досега се користеа како тераси. Урбанизмот е клучен инструмент за создавање квалитетен и одржлив животен простор. Како врвен приоритет го поставивме рационалното искористување на просторот, уредувањето на јавните површини и обезбедувањето рамнотежа помеѓу станбените, деловните и рекреативните зони”, додава Герасимовски.

Општина Центар активно инвестира и во реконструкција на постари станбени згради со цел тие да станат енергетски поефикасни и да се намалат трошоците на домаќинствата.