Општина Центар и Здружението на пензионери на Општина Центар организираа хуманитарна ликовна изложба на уметнички дела насликани од уметници-членови на Здружението на пензионери на Центар.
Собраниот износ од аукцијата на нивните дела и ракотворби изложени во КСП – Центар Јадро, ќе биде дониран за лекување на ученичката Кара Селовска од основното училиште „Јохан Хајнрих Песталоци”.
Возрасните жители од нашата Општина на дело покажаа што значи да се биде хуман и одговорен општествен чинител, порача градоначалникот Герасимовски.
„Членовите на Здружението на пензионери на Општина Центар, веднаш се приклучија на хуманитарната акција што ја спроведуваме во општината за лекувањето на малата Кара. Голема благодарност за нивниот труд и поддршка. Здружени можеме се. Заедно, возрасните и младите, да се сплотиме за да помогнеме онаму каде што е најпотребно, истакна Герасимовски.
Со цел да се обезбеди финансиска помош за 12 годишната Кара, во сите центарски основни училишта и градинки се поставени кутии за собирање донации, а се организираат и хуманитарни акции, базари и креативни работилници.
Да и помогнеме на 12 годишната Кара да го спроведе потребното дијагностицирање за ретка болест, а потоа и лекување, што треба да се направи на клиника во Барселона, Шпанија.