Герасимовски поднесе иницијатива до ЗЕЛС за конфискација на дивите објекти

од Nikola Popovski
186 прегледи

Градончалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешната седница на ЗЕЛС ја достави Иницијативата за изнаоѓање на законско решение за конфискација на бесправно изградените објекти со бесправен статус и нивна ре-употреба.

„Во ЗЕЛС ја доставив Иницијативата за конфискација на бесправно изградени објекти, на која интензивно работевме интензивниот период. Целта на оваа Иницијатива е да најде и произведе решение и даде можност за конфискација на безправно изградените објекти и нивна пренамена во функција на општината. Преку оваа Иницијатива сакаме да интервенираме во две законски решенија – Законот за постапување со бесправно изградени објекти и Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка. Ако оваа Иницијатива стане реалност, општините по конфискацијата ќе ги користат објектите за потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.

Согласно иницијативата, во постоечкиот закон потребно е да се вметнат одредби каде што при утврдување дека објектот, предмет на постапката за легализација, отстапува од правилата предвидени во конкретниот закон, да се упати на постапка за ре-употреба. Неопходно е да постојат одредби кои при констатирање дека објектот, предмет на постапката за легализација, претставува објект кој е изграден надвор од законски предвидениот рок (после 2011 година), и кој не претставува објект предвиден за легализација согласно Законот. Со измените, истиот со акт ќе се одбие и упати на постапка за конфискација согласно Закон за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривичната и прекршочна постапка.

Во Законот за управување со конфискуван имот, најпрво треба да се интервенира во основните одредби за да може да се вклучи и управната постапка, која произлегува од Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Преку измени и дополнувања на овој закон, неопходно е да ѝ се даде можност на општината да биде должна да ја докаже оправданоста од чинот на конфискување и тоа исклучиво поради: природата на објектот, докажани отстапувања од урбанистичко-планските документации при изградбата, немање одобрение за градење, отстапување од одобрение за градење и исцрпување на сите правни лекови и постапка преку кои недвосмислено е докажано дека објектот е изграден надвор од одобрението за градење и она што Законот за градење го наложува.

„Доколку оваа иницијатива биде прифатена, очекувам широка дебата за носење на квалитетни измени во законите и барам поддршка од сите колеги градоначалници и функционери. Зад ова решение треба да застанеме заедно и заедно да се бориме против дивоградбите. Оваа иницијатива верувам ќе отвори дебата во јавноста и многу прашања и дилеми кои внимателно треба да се следат и адресираат во изработката на евентуалните измени во законите“, истакна Герасимовски по состанокот во ЗЕЛС.

Слични содржини