Герасимовски: Сајбер булингот е „злото“ на новото време, клучно е домашното воспитување

од Stefanija Kuzmanovska
177 прегледи

Сајбер билингот е „злото” на новото време кој бара сериозен пристап од повеќе институции за да се намали и спречи, истакна денеска градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски кој учествуваше на настанот „Дигитализацијата и Сајбер Безбедноста: Сегашноста и Иднината на Учениците“ организиран од Аналитика Тинк Тенк.

„Во оваа ера на технолошки развој кога младите уште од рана возраст имаат пристап до компјутери и мобилни телефони не само булингот како врсничко „физичко” насилство туку и сајбер булингот е проблем кој никако не смее да се занемари ниту било како заобиколи. Напротив тој носи последици кои децата, а често и родителите и целото семејство може да ги носат со години, па и цел живот. И ова е она кое ние како општество, не смееме да го дозволиме. Борбата со булингот мора да биде заедничка и единствено како таква ќе се намали и спречи“, рече Герасимовски.

Тој потенцираше и дека Општина Центар многу сериозно работи за подигнување на свеста за булингот и заштитата од истиот преку бројни обуки, предавања и работилници со цел учениците, наставниците и стручните служби да го препознаат и соодветно делуваат со цел да го спречат.

„Во сите осум наши училишта особено изминатата година имавме навистина многу работилници, обуки и предавања од психолози, педагози, претставници од Министерството за образование и наука, УНИЦЕФ и неколку невладини организации. На овие работилници и предавања учествуваа учениците од трето до деветто одделение, но обуки за препознавање и спречување на булинг поминаа и директорите, стручните соработници и наставниците од сите училишта во општината. Нашата цел како општина е на овие работилници учениците да ги препознаат видовите насилство, последиците од булингот, начините на изразување задоволство без навреда како и промовирање на другарството и негување на позитивните вредности како љубеност, почитување и ненасилна комуникација“, рече Герасимовски.

Тамара Мијовиќ Спасова, извршниот директор на Аналитика Тинк Тенк појасни дека проект за последиците од сајбер булингот е посебен по многу нешта, пред се поради фактот што преку него директно се обучуваат учениците и професорите со техники и вештини за безбедно користење на интернетот и другите дигитални технологии.

„Повеќе од 50 ученици и 15 професори се обучија за спроведување на иновативни програми во училиштата фокусирани на сајбер безбедноста на младите. Ваквиот пристап на директна комуникација и едукација на сите чинители во образовниот процес се покажа како многу ефективен. Затоа за училиштата поддршката од градоначалниците и нивните иницијативи кои се насочени кон борбата против сајбер насилството е клучна за заштита на нашата младина. Ако сакаме да постигнеме вистински напредок во ова од суштинско значење се континуираните работилници и обуки за препознавање и заштита од сајбер нападите“, изјави Спасова.

Општина Центар во насока на превенција и подигнување на свеста и последиците од булингот во изминатиот период покрај активностите во училиштата организираше „Соседски патроли“ на кои родители, наставници и претставници од МВР правеа обиколка во градскиот парк каде со младите се зборуваше за придобивките и последиците од булингот. Воедно Општина Центар при пријава од родители за насилно однесување во делови од општината, веднаш реагираше и во соработка со Полициската станица Беко беа засилени полициските патроли во општината.

Слични содржини