Кандидатот за градоначалник на Општина Центар и актуелен градоначалник Горан Герасимовски во изјава за Канал 5 потенцира дека решението за проблемот со сметот го гледа во преземање на ингеренциите од Комунална хигиена и формирање на општинско претпријатие, се вели во соопштението од неговиот изборен тим.
Во однос на сообраќајниот метеж, тој истакнува дека има проект којшто е ревидиран за затворање на Дебар Маало со што ќе се ослободи просторот во оваа населба.
„Имавме неколку состаноци со Министерството за внатрешни работи. Затворањето на Дебар Маало ќе биде пример за затворање на други населби кадешто граѓаните бараат и има реална потреба“, рече Герасимовски.
Во делот на Маџир Маало, Герасимовски посочи дека во завршна фаза е ДУП-от, односно истиот е пред Совет којшто не се изгласа.
Герасимовски, информираше дека по расчистувањето на депонијата под Кале, договорено е со директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ целиот тој дел да се уреди, да се асфалтира, да се обележат паркинг места и да се постават рампи каде што ПОЦ ќе го стопанисува.