Герасимовски: Трудовите на студентите за нов студентски кампус се резултат на добрата соработка на Центар со Архитектонскиот факултет

од Nikola Popovski
96 прегледи

Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски вчера вечер ја посети изложбата на трудови на студенти од Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје која се одржа во рамки на предметот Архитектонско студио 9.3, во Културно социјалниот простор – „Центар Јадро“ беше отворена

Пред присутните, свое обраќање имаше градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, деканот на Архитектонскиот факултет, проф.д-р Огнен Марина и менторот проф. д-р Михајло Зиновски.

„На взаемно задоволство, изложбата на Интегративното студио 9.3, е уште еден успешен проект што се реализира во рамките на соработката помеѓу Општина Центар и Архитектонскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ од Скопје. Станува збор за долгогодишна соработка помеѓу нашите две институции, официјализирана во 2019та година со потпишување на Меморандум кој им овозможува на студентите од факултетот, заедно со општинските стручни служби, да реализираат практично-теоретска настава и вежби за објекти на територија на Општина Центар. На изложбата има навистина импресивни макети за нов студентски кампус. Сигурен сум дека нашите студенти ќе прераснат во успешни архитекти и им посакувам многу успеси“, изјави Герасимовски на отворањето на изложбата.

Насловот на темата на изложбата е „Архитектонско и урбанистичко решение на нов студентски кампус“, која што е илустрирана преку 15 макети и паноа со графички прикази на кои работеа 33 студенти од 9-тиот семестар. Пред многубројната публика, студентите ги презентираа своите концепти, визии и идеи за изложените архитектонско-урбанистички решенија.

Локација за новиот студентски кампус се наоѓа на територија на Општина Центар во урбанистичкиот план познат како Судска палата 1, покрај кејот на реката Вардар, во непосредна близина на повеќе значајни јавни објекти и институции од национален интерес.

Проектите се плод на детална анализа пред се на капацитетот, содржините и типоморфологија на веќе постоечките пет студентски домови во градот Скопје. По извршените анализи, се увиде дека во главниот град нема доволно капацитет за студентско сместување и според студентските податоци, се јави потребата од предвидување на нов студентски кампус, за што тие сметаа дека зададената локација е најадекватна за таа намена.

Во целиот процес на семестралната задача активно беа вклучени и архитекти, вработени во Општина Центар, кои своето знаење и искуство го пренесоа преку практично-теоретска настава и вежби. Општина Центар преку слични проекти и работилници и во иднина ќе ја продолжи, досега започнатата пракса од 2019 година, на студентите да им овозможува надоградба на нивното знаење и активно учество во практичното совладување на предизвиците.

Изложбата ќе биде отворена за посетителите во КСП „Центар –Јадро“ до 11.3.2023 година (сабота) и Општина Центар ги поканува сите заинтересирани да ја посетат.

Слични содржини