Општинските служби го започнаа реконструирањето на тротоарот на улицата „Народен фронт” во населбата Капиштец. Станува збор за реконструкција на тротоарот долж целата улица. Истиот е 40% оштетен поради што е небезбедно за пешачење особено за повозрасните граѓани и мајките со колички и бебиња. Во следниот период оштетените и искршени коцки ќе бидат заменети со нови, а останатите ќе бидат нивелирани. Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцира дека вложувањето во реконструкција на тротоарите е влог во безбедноста на пешаците и другите учесници во сообраќајот.
„Започнавме со реконструкција на тротоарите пред полниот ек на сончевите денови и зголемената фреквенција на граѓани. Тротоарот е оштетен и бара санирање за непречено и безбедно пешачење на сите граѓани. Ќе биде реконструиран долж целата улица од околу 2 км. Зафатот треба да биде завршен за околу еден месец по што граѓаните ќе може непречено да го користат за утрински или попладневни прошетки”, вели Герасимовски.
Општина Центар изминатиот период реконструираше тротоари на неколку улици, изведе нови пешачки патеки со кои го олесни пристапот за движење на граѓаните. И во иднина продолжува да вложува во подобра инфраструктура за побезбеден сообраќај на возачите и пешаците.