Студентите од Филозофскиот факултет во Скопје преку герила-акција недвосмислено се изјаснија против таканаречените реформи во образованието.
„Не ја предаваме историјата“, „Но пасаран“, „Јас не ја разбирам Мила“, „Цезар не е само салата“ беа дел од пораките кои денеска се појавија пред Владата, пред Филозофскиот факултет во Скопје и пред Ректоратот на УКИМ.
Димитар Коруноски, дипломиран историчар и претседател на Факултетското студентско собрание на Филозофски факултет за Радио МОФ вели дека му пречи тоа што таканаречениот концепт што го понуди МОН е донесен без консултација со професорите историчари и без воопшто да се информира струката што утре ќе треба да ги спроведе реформите во дело во училиштата.
Претходно, членови за Институтот за историја го отфрлија новиот концепт и бараат од надлежното министерство и Владата да го повлечат и да ги прекинат сите активности во врска со предметот Историја.
Со него се предвидува групирање на предметите биологија, хемија, физика и дел од физичката географија во еден предмет – природни науки, додека предметите историја, дел од географија и граѓанско образование би се здружиле во друг предмет – општествени науки. Исто така предметите музичко и ликовно би се здружиле во уметничко образование, а техничкото образование и информатика би требало да се спојат во еден предмет – техника, технологија и информатика.
„Со концептот преку изборните предмети секој ученик ќе може да се профилира или да добие можност да си го креира образованието. 12 години со сите меѓународни организации се работи на истражувања и добивања сознанија на кој начин треба да се реформира нашиот систем. Ова произлезе од сите анализи кои препорачуваат како треба да изгледа образовниот систем во нашата држава“, изјави во Утрински брифинг министерката за образование, Мила Царовска.
-Оваа концепција ќе ги повика систе наставници по одреден предмет каде има интеграција на повеќе научни дисциплини заедно да ја планираат неделата, часот. Колективот мора да живее заедно, зошто поинаку значи само техничко образование кое не може да се примени понатаму во животот, вели Царовска и додава дека наставниците кои се срцето на образовниот систем сега е важно дека добиваат право на кариерен развој.