Јавниот превоз во Дрезден е на прво место меѓу поголемите германски градови, според најновото истражување спроведено од германскиот автомобилски клуб „ADAC“. Во Дрезден, според испитаниците, се особено задоволни бидејќи не мора да одат далеку при менувањето на возот, поради честите застанувања, како и добрата информација за јавниот превоз. Како што наведуваат од „ADAC“, градот бил оценет добро од оние кои не користат јавен превоз, туку користат сопствен автомобил.
Добриот систем за паркирање, добрата сигнализација и добрите услови на улиците се клучни за возачите. „Ако треба да возите, знаете дека е малку гужва за толку голем град“, вели Себастијан Дитер. „ADAC“ нагласува дека квалитетот на урбаната мобилност е важен фактор при оценувањето на квалитетот на животот, туристичкиот потенцијал и економската привлечност на еден град.
Келн и Дуизбург на дното
Според истражувањето, по Дрезден следува Лајпциг, па Минхен и Нирнберг, а на дното на листата се Есен, Штутгарт, Келн и Дуизбург. Според „ADAC“, на возачите таму особено им пречи начинот на наплата на паркирањето во центрите на градовите. На прашањето колку сигурно стигнуваат до својата дестинација во планираната временска рамка, тие најчесто одговараат негативно.
Што се однесува до велосипедистите, најважна им е мрежата на велосипедски патеки и безбедноста на улиците. Ннајмногу ги критикуваат градовите на дното на листата, а особено проблематичен им е сообраќајот на раскрсниците.
Она што е особено впечатливо се многу негативните оценки што возачите, велосипедистите и пешаците ги даваат на оние кои возат електрични тротинети. „Иако има забранети зони, тие често ги прекршуваат“, вели Себастиен Дитер од Дрезден. „Тие се возат низ целиот град со своите тротинети. Тоа е опасно“.
Возачите на автомобили и пешаците во голема мера негативно го оценуваат и однесувањето на велосипедистите. Генерално, возачите, корисниците на јавниот превоз, велосипедистите и пешаците се значително понезадоволни од нивната мобилност отколку во 2017 година.
Незадоволството расте
Ова може да се објасни со два фактори, вели Меике Јип од германскиот центар „DLR“: недостатокот на квалификувани работници тешко го погодува јавниот превоз, а со тоа и патниците и нивните нерви. Според Јип, мобилноста во целина сè уште е под влијание на последиците од пандемијата на корона: „За време на пандемијата, улиците и транспортните средства беа многу попразни“, вели тој. „Сега многу луѓе субјективно сфаќаат дека има влошување, кога всушност тоа е само враќање во претходната состојба“.
Покрај тоа, количината на сообраќај исто така игра улога во општиот пад на задоволството. И онака големиот број на автомобили во градовите неодамна дополнително се зголеми поради имиграцијата во големите градови. Ова доведува до преоптоварување на локалните транспортни системи, што се рефлектира во сообраќајниот метеж на улиците, подолго време на патување, полни автобуси и возови и преоптоварени велосипедски патеки.
Што можат градовите да направат?
„ADAC“ препорачува градовите да ги користат наодите од истражувањето и да се осврнат на она што е особено критикувано, сето тоа во интерес на корисникот. Бидејќи паркирањето е клучен фактор во урбаната мобилност, општините треба да организираат ефикасно управување со паркинг просторот за да обезбедат пристап до автомобилите за жителите, патниците и посетителите.
„Промовирајте ја транзицијата кон јавен превоз преку P+R системи кои се прифатливи за корисниците“, вели претседателот на транспортниот сектор на „ADAC“, Герхард Хилебранд.
„Т.н. станици за мобилност во транспортните центри ја зголемуваат видливоста на различните понуди за мобилност“, додава тој. И на крајот, има еден совет за сообраќајните планери:
„Размислете за сите видови сообраќај и вклучете ги сите релевантни органи во планирањето, односно сите оние кои се засегнати. Со оглед на зголемувањето на бројот на велосипедисти, градовите треба да обезбедат и подобри велосипедски патеки“.