Германија денеска остро ја осуди егзекуцијата на второто лице во Иран поврзано со протестите, додека Европската унија (ЕУ) треба да усвои нов пакет „многу строги“ санкции против Иран.
Тие егзекуции се обид да се заплашат демонстрантите за да не можат „да се изразат на улица и да бараат да живеат слободно“, изјави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок по пристигнувањето во Брисел на состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ.
Во Иран денеска е погубено лице поврзано со протестите кои траат веќе три месеци, а тоа е второ погубување во последните седум дена, соопштија тамошните правосудни органи.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, рече дека ЕУ ќе усвои пакет „многу строги санкции“ и додаде дека Иран „мора да разбере дека ЕУ ќе ги преземе сите неопходни мерки за поддршка на младите жени и мирните демонстранти и секако ја осудува смртната казна“.
Според дипломатски извори, ЕУ ќе додаде 20 лица на списокот со санкции за кршење на човековите права поради задушување на протестите.
ЕУ, исто така, ќе додаде осум Иранци на својата црна листа на рестриктивни мерки за санкционирање на испораката на беспилотни летала во Русија што се користат против Украина.
Иран е место на повеќемесечни протести.
Протестите во Иран беа започнати на 16 септември, денот на смртта на Махса Амини (22) во болница, каде што беше ставена во тешка состојба по нејзиното апсење на 13 септември во Техеран поради „носење несоодветна облека“ и непочитување на строгите ирански кодекс на облекување за жени.
Демонстрациите подоцна се претворија во движење против иранските верски власти.
Иранските власти, кои сметаат дека протестите се охрабрени од западните земји, особено од САД, уапсија неколку илјади луѓе, меѓу кои 11 се осудени на смрт.