МИНХЕН денеска објави дека ќе ги забрани сите собири поврзани со климата кои имаат за цел да ги блокираат клучните патишта и други области најмалку еден месец, еден ден откако некои активисти се „залепија“ на асфалтот на аеродромот во третиот по големина град во Германија, според соопштението, цитирано од локалните медиуми.
Наредбата, која ќе трае најрано од 10 декември до 8 јануари, има за цел да се осигура дека главните правци за вонредни ситуации и спасувачките возила во градското подрачје се постојано „чисти“ и да се спречат евентуални штети кои би можеле да настанат по доцнење во итен транспорт, според соопштението за печатот на Градот, пренесе Ројтерс.
Градската власт соопшти дека настаните од последните неколку дена го направиле неопходен ваквиот потег.
Климатските активисти вчера упаднаа на аеродромите во Минхен и Берлин.
Во Минхен ја пробиле жичената ограда и на тој начин успеале да влезат во делот на аеродромот, и се залепиле на северната писта.
Тие не успеале да стигнат до јужната писта, па, според информациите на весникот „Билд“, авиосообраќајот на овој аеродром не бил во прекин.
Полицијата веднаш дошла и ги „одлепила“ активистите од пистата, а потоа ги отстранила од аеродромот. По 45 минути, акцијата заврши и немаше проблеми со слетувањето и полетувањето на авионите, бидејќи сите беа пренасочени на друга писта.
И во Берлин активистите успеале да стигнат до авионската писта, потврди полицијата.
На крајот на ноември, активисти дури два часа го блокираа сообраќајот на аеродромот во Берлин.