Германскиот регулатор го суспендираше процесот за одобрување на гасоводот „Северен тек 2“.
Подружницата што ќе управува со германскиот дел од „Северен тек 2“ не ги исполнува условите да биде „независен оператор за пренос“, објави во вторникот германскиот регулатор.
Имено, германската Федерална агенција за енергетски мрежи, Bundesnecagentura, денеска соопшти дека „постапката за сертификација на компанијата „Северен тек 2 АГ“ како независен оператор за пренос за гас е прекината“, поради организациски и правни прашања.
„Bundesnecagentura по темелна анализа на документацијата заклучи дека сертификацијата на операторот на гасоводот „Северен тек 2“ ќе биде возможна само доколку организациската форма на тој оператор е во согласност со германските закони“, се вели во соопштението.
Понатаму се додава дека компанијата „Северен тек 2 АГ“, со седиште во Цуг, Швајцарија, „одлучила да не ја трансформира постојната организациска форма, туку да основа филијала според германските закони исклучиво за управување со германскиот дел од гасоводот“.
„Тој крак ќе стане сопственик и оператор на германскиот дел од гасоводот, а потоа мора да ги исполни условите за независен оператор за пренос, предвидени со Германскиот закон за енергетската индустрија“, посочува германскиот регулатор.
Германската агенција соопшти дека „постапката за сертификација ќе остане суспендирана додека главните средства и човечките ресурси не се префрлат во филијалата, кога Bundesnecagentura ќе може да провери дали документацијата што ја доставила филијалата, како нов апликант, е комплетна“.