Германија: Годишната стапка на инфлација во мај падна на 6,1 отсто

од Stefanija Kuzmanovska

Според прелиминарните резултати, годишната стапка на инфлација во Германија паднала на 6,1 отсто во мај од 7,2 отсто во април, објави денеска германската федерална статистичка служба Destatis.

Пазарите прогнозираа годишна мајска инфлација од 6,5 отсто, така што резултатот е подобар од очекуваниот.

За пониската стапка на инфлација во Германија, пред се, придонесе побавниот раст на цените на енергијата – за 2,6 отсто во однос на априлските 6,8 отсто.

Овој резултат беше делумно под влијание на ефектот на високата база, бидејќи цените на енергијата беа високи пред една година.

Во мај, растот на цените на храната на годишно ниво забави – за 14,9 отсто во однос на априлските 17,2 отсто, како и растот на цените на услугите – за 4,5 отсто во однос на априлските 4,7 отсто.

На месечна основа, германската инфлација во мај е за 0,1 отсто пониска отколку во април.

Конечните резултати за мај ќе бидат објавени на 13 јуни.

Слични содржини