Германската влада го одобри извозот на оружје во вредност од над милијарда евра во земји кои се вклучени во конфликтите во Јемен и Либија, објави во неделата новинската агенција ДПА.
До 17 декември Берлин одобри продажба на оружје и воена опрема во вредност од 725 милиони евра само на Египет, соопшти Министерството за економија на барање на пратеникот од Бундестагот, Омар Нурипур.
Одобрен е и извозот на оружје во Катар (305,1 милиони евра), Обединетите Арапски Емирати (51,3 милиони евра), Кувајт (23,4 милиони евра) и Турција (22,9 милиони евра).
Издадени се лиценци за Јордан (1,7 милиони евра) и Бахреин (1,5 милиони евра), со што вкупната вредност на извозот на оружје достигна 1,16 милијарди евра.
Сите овие земји се вклучени во еден или во двата конфликти – во Јемен и Либија.
Во Јемен, коалицијата предводена од Саудиска Арабија се бори против Хутите, проиранските бунтовници. Коалицијата ги вклучува ОАЕ, Египет, Кувајт, Јордан и Бахреин.
Во либискиот конфликт, Катар и Турција интервенираат на страната на меѓународно признатата влада на премиерот Фајез ал-Сарај во Триполи.
Од друга страна, генералот Калифа Хафтар е поддржан од ОАЕ и Египет. Во моментов е во сила примирје.