Германскиот министер за надворешни работи Хајко Маас во четвртокот изрази „солидарност“ со Израел и повика на прекин на огнот со Хамас, кој владее во Појасот Газа.
„Ние веруваме дека она што го прави Израел (во Појасот Газа) е опфатено со правото на самоодбрана“, рече Маас на заедничката прес-конференција во Тел Авив со израелскиот колега Габи Ашкенази.
„Израел сега го користи тоа право и тоа значи дека не смее да дозволи системите што ги напаѓаат израелските цели да продолжат да функционираат“, додаде тој, осврнувајќи се на конфликтот меѓу Израел и Хамас на 10 мај.
„Дозволете ми да повторам многу јасно, за нас, безбедноста на Израел и со тоа безбедноста на сите германски Евреи не е нешто за што може да се преговара и Израел секогаш ќе може да смета на тоа“, нагласи тој.
Но, „бројот на жртви расте секој ден и тоа многу нè загрижува“, додаде тој.
„Затоа ги поддржуваме меѓународните напори за прогласување прекин на огнот и ние сме подеднакво убедени дека, во интерес на населението, насилството мора брзо да заврши“.
Мас вечерва ќе биде примен од претседателот на палестинските власти Махмуд Абас во Рамала на Западниот брег, но нема да зборува директно со Хамас, кој ЕУ го смета за терористичка организација.