Германскиот министер за одбрана Борис Писториус и неговиот израелски колега Јоав Галант денеска во Берлин потпишаа меморандум за разбирање за купување на системот „Стрела 3“ (Arrow). Договорот предвидува купување на надграден американско-израелски одбранбен систем „Стрела 3“) за пресретнување на балистички ракети со долг дострел.
Договорот вреден 3,5 милијарди долари е последниот чекор во напорите на Берлин да ја зајакне својата противвоздушна одбрана по руската инвазија врз Украина.
Германија планира да го интегрира „Стрела 3“ во пошироките одбранбени напори на НАТО. Берлин минатата година ја започна иницијативата „Европски небесен штит“ за 19 земји.
Израел во август доби одобрение од Вашингтон бидејќи системот е заеднички развиен со САД.
Писториус денешниот ден го оцени како историски, бидејќи системот „Стрела“ е „еден од најдобрите, ако не и најдобар“.
– Гледаме од секојдневните руски напади врз Украина колку е важна противвоздушната одбрана, наведе Писториус додавајќи оти таквата одбрана е суштинска, особено за Германија, која е во „срцето на Европа“.
Германија планира да започне со користење на „Стрела 3“ на крајот на 2025 година.
Галант наведе дека со „два едноставни потписи е напишана историја“ и дека испораката ќе биде ефикасна и навремена.
– Ова е трогателен настан за секој Евреин. Поминаа само 80 години од крајот на Втората светска војна, но сепак Израел и Германија ги здружуваат силите за да изградат побезбедна иднина за двете земји, истакна Галант.