Германија не размислува за купување течен природен гас (LNG) од американски компании. Ова го изјави германскиот министер за економија Роберт Хабек во интервју за радио DLF за време на неговата посета на САД, пренесе „Прајм“.
Министерот појасни дека се водат прелиминарни преговори на тема испораки на течен гас за Германија, но не станува збор за набавки од САД.
„Прелиминарните разговори за испораките на течен гас, колку што знам не се водат со американски фирми. И нема притисок за тоа“, изјави Хабек.
Тој истакна дека компаниите кои сакаат да учествуваат во планираниот терминал за течен природен гас во Германија не го таргетираат американскиот гас произведен со „фракинг“ методот.
Запрашан колку тесно Германија треба да соработува со САД во енергетскиот сектор, Хабек рече: „Воопшто не е потребно“.
Министерот призна дека Вашингтон има свои интереси и јасна тенденција кон политика „купи американско“.
„Ова не е политичкиот и економскиот поредок кон кој се стремиме. Сепак, имаме заеднички вредности и Американците треба да и помогнат на Европа во оваа ситуација“, рече Роберт Хабек.
Германскиот министер за економија објасни дека снабдувањето со енергија од Русија продолжува, но и Германија е подготвена за негово прекинување.