Германската сојузна покраина Бранденбург, која се граничи со Полска, очекува дополнителни неколку илјади мигранти илегално да влезат во Германија преку Белорусија и Полска во наредните месеци.
– Мораме да сметаме на фактот дека мигрантите кои веќе се во Полска, Литванија и Летонија ќе се обидат да стигнат до Германија, истакна министерот за внатрешни работи на Бранденбург, Михаел Штубген, говорејќи пред Комитетот за внатрешни работи во локалниот Парламент во Потсдам.
Тој додаде дека во Белорусија и понатаму пристигнуваат голем број мигранти од Ирак, од Сирија и од Иран, но оти не го знае точниот број на мигранти кои тргнале кон Германија.
Штубген ги отфрли барањата на некои сојузни покраини, како Саска, која исто така граничи со Полска, за воведување на привремени контроли на границата.
И германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер е против воведување гранични контроли и апелираше за засилена соработка и помош на полските граничари во чувањето на полско-германската граница.
ЕУ неодамна се закани со санкции против авиокомпаниите кои превезуваат мигранти во Белорусија.