Германија одобри 80.000 работни визи

од Vladimir Zorba
40 прегледи

Германското Министерство за надворешни работи издаде повеќе од 80.000 работни визи во првите 6 месеци од оваа година. Околу половина од нив (речиси 40.000) се за квалификувани работници, дознава ДПА од Министерството. Во истиот период лани биле издадени 37.000 визи на лица со одредена квалификација. А во цела 2023 година се издадени 157.000 работни визи, од кои 79.000 се на квалификувани работници.

Собирање поени за „карта за шанса“

Таканаречената „карта за шанса“, која беше воведена на први јуни годинава, се уште не заживеала. Досега по таа основа се издадени нешто помалку од 200 визи. Услови за „карта за шанса“: Стручно образование признаено во земјата на потекло, најмалку двегодишно стручно образование или соодветна диплома за високо образование и познавање на германски или англиски јазик. Со оглед на нивото на јазично познавање, работно искуство, возраст и поврзаност со Германија, заинтересираните добиваат поени.

Кој ќе собере доволно поени може да оди во Германија и има една година да бара постојано вработување. Можно е продолжување на две години.

Работа без претходна процедура за признавање диплома

Од 2020 година, Германија има закон за имиграција на квалификувана работна сила. Во ноември 2023 година, стапи на сила првиот дел од реформата на тој закон, за кој беше договорена владејачката коалиција на СПД, Зелените и Либералите. Тој дел вклучувал, пред сè, олеснување за т.н „Сини картони на ЕУ“ и признавањето на професионалните квалификации.

Од март стручната работна сила може да дојде во Германија и да започне со работа без претходна процедура за признавање диплома. Затоа не мора да докажат образование кое е признато во Германија, туку работодавачот мора да им обезбеди годишна плата од 40.770 евра бруто, односно во занимањата каде што има колективни договори, работодавачот мора да се придржува до тој колективен договор.

Дополнително, од 1 јуни годинава има дополнителни можности за вработување во Германија да дојдат лица од земјите од Западен Балкан. Во рамките на ЕУ постои слобода да се избере земја во која ќе се работи.

Колку луѓе доаѓаат на работа од земји надвор од ЕУ зависи од тоа колку е комплицирано барањето за виза и колку долго заинтересираниот апликант треба да чека за термин во германската конзуларна канцеларија. Од Министерството велат дека приоритетно ги обработуваат барањата за вработување стручна работна сила во Германија. А до 1 јануари 2025 година, визниот систем треба да биде целосно дигитализиран.

Молби за култура за добредојде

Јасно е дека недостатокот на квалификувана работна сила претставува еден од најголемите економски ризици во Германија. Водечките здруженија на германската економија сметаат дека е неопходна култура на добредојде.

Претседателот на Германската индустриска и трговска комора ДИХК, Петер Адријан, изјави за агенцијата ДПА: „Пораката мора да биде: со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде во Германија. И има многу можности за тоа. Започнува со издавање визи, а завршува со обезбедување стан и место за деца во градинка, училиште, дневен престој“.

„Имаме дефицит во многу области“, вели Адријан, додавајќи дека на новиот закон за имиграција на квалификувана работна сила во принцип треба да се гледа позитивно: „Но, тој е премногу комплициран“. Заостануваме во практичната примена. Не верувам дека со оваа варијанта можеме да донесеме многу квалификувана работна сила“.

„We want you!“

И претседателот на Здружението на германската индустрија БДИ, Зигфрид Русвурм гледа потреба од подобрување. „Задачите почнуваат во амбасадите и конзулатите. Сите го знаат американскиот постер „We want you!“ И ние мора така да размислуваме и постапуваме. Таа култура на добредојде мора да се пренесе во општинската или областната канцеларија за странци“.

Ова мора да вклучува и практични прашања, вели првиот човек на БДИ. „Мојот омилен пример е: Дали можам да регистрирам автомобил во мојата област ако не зборувам германски? Има ли некој што ја прави оваа стандардна процедура на англиски? Тоа се баналности. Но, тие се невообичаено корисни за луѓето кои започнуваат живот во друга земја. Треба да се направи многу повеќе во целиот синџир“.

Слични содржини