Поранешниот припадник на Исламската држава Таха Ал-Џ, денеска пред германскиот суд беше осуден за геноцид и воени злосторства поради смртта на петгодишното девојче од племето Јазиди, кое го купил како робинка, а потоа ја врзал со синџири и ја пуштил да умре на жешкото сонце.
Регионалниот суд во Франкфурт го осуди Таха Ал-Џ. Ирачкиот државјанин чие полно име не е објавено поради почитување на правилата за приватност, е осуден на доживотен затвор и наложено да и плати на мајката на девојчето 50.000 евра (57.000 долари), пренесе АП.
Германската новинска агенција ДПА го цитираше претседавачкиот судија Кристоф Колер, кој рече дека ова е прва пресуда за геноцид во светот поради улогата на поединец во систематското прогонство на малцинството Јазиди од страна на Исламската држава.
Адвокатите на обвинетиот ги отфрлија обвиненијата против неговиот клиент, а неговата сопруга минатиот месец беше осудена на 10 години затвор за смртта на девојчето.
Мајката на девојчето, која го преживеала заробеништвото, сведочела и на двете судења и учествувала како странка во судскиот процес.
„Можеме само да се надеваме дека овој случај ќе биде пресвртница за сите други случаи. Ова треба да биде почеток, а не крај“, рече Земфира Дловани, адвокатка и членка на германскиот Централен совет на Јазидите, за АП, истакнувајќи дека илјадници жени Јазиди биле робови и малтретирани од членовите на Исламската држава.