Младите луѓе кои волонтираат во Бундесверот ќе добијат разни стимулации, вклучително и враќање на дел од трошоците за полагање на веќе многу скапиот возачки испит, објави агенцијата dpa, повикувајќи се на извори во германското Министерство за одбрана.
Овие и други мерки се дел од пакет стимулации насочени кон зголемување на бројот на регрути и овозможување постепено реактивирање на воената служба, барем на почетокот доброволно.
Покрај подобрата плата, се разгледуваат и посебни бонуси за оние кои ќе се обврзат на подолга служба.
Меѓу предложените мерки се индивидуална обука за професионален развој, спортски кампови за регрути и полесен пристап до јазични курсеви за кандидатите кои не го зборуваат германскиот како мајчин јазик.
Потоа ќе следи масовна кампања фокусирана на предностите на воената кариера: висока основна плата, бесплатно сместување, здравствена заштита, бесплатен превоз со воз, субвенционирана храна и слично.
Според владиниот план, оние кои моментално се под 15 години, како и претходните генерации, треба да бидат повикани на лекарски преглед за регрутација на 18 години.
Понатаму, од 2028 година, сите 18-годишни мажи ќе мора да пополнат прашалник за нивната подготвеност да служат во Бундесверот, додека девојките ќе можат да го сторат тоа доколку сакаат.
Новиот модел на воена служба останува доброволен во нацрт-законот што се очекува федералната влада да го усвои кон крајот на август. Сепак, нацрт-законот вклучува и клаузула за итно повторно активирање на воената служба.
Клаузулата, која може да ја активира Бундестагот, е вклучена во случај доброволната компонента да не обезбеди доволен број регрути, односно во случај на закана од војна.
Целта на владата е Германија да прими до 40.000 регрути, и мажи и жени, до 2031 година.
Според новиот договор со НАТО, Германија мора да го зголеми бројот на активни војници за најмалку 60.000 и на резервисти за 200.000.
Бундесверот сега има околу 182.000 активни војници, а Министерството за одбрана се стреми кон најмалку 260.000.