Германија повика на ограничување на миграцијата по балканската рута

од Vladimir Zorba
192 прегледи

Илегалната миграција по балканската рута мора да се намали, изјави германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер во интервјуто објавено денеска за изданијата на германската медиумска групација RND, цитирано од dpa.

Фесер, која зборуваше пред конференцијата во Берлин со претставници на земјите од Западен Балкан, рече дека европските власти имаат заедничка одговорност да ја запрат илегалната миграција „за да можеме да продолжиме да им пружаме помош на луѓето на кои итно им е потребна“.

„Ние во Германија прифативме над 1 милион бегалци од Украина од почетокот на војната“, истакна министерката. Во исто време, протокот на луѓе кои доаѓаат во Европа преку медитеранските и балканските миграциски рути се зголемуваат, рече Фесер.

Денеска на средбата во Берлин со претставниците на земјите од Западен Балкан ќе се разговара за сет мерки конкретно за ограничување на миграцијата по балканската рута. Тоа вклучува усогласување на визната политика на земјите од Западен Балкан со стандардите на ЕУ, борба против перењето пари и обезбедување ефикасна заштита на границите.

Треба да се разговара и за процедурите за враќање на оние луѓе „кои немаат право да останат со нас“, рече Фесер.

Во исто време, Џералд Кнаус, истражувач за миграција и ко-основач на тинк-тенкот „Европска иницијатива за стабилност“, рече дека, според него, сите обиди да се спречи имиграцијата по балканската рута се залудни.

„Затворањето на балканската миграциска рута никогаш не профункционира“, изјави тој за CNN. „Во моментов притисокот не доаѓа од илегалната, туку од легалната миграција. Деведесет отсто од бегалците доаѓаат од Украина“, додаде тој.

Фесер на конференцијата покани претставници од шест земји од Западен Балкан – Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија.

Во дискусиите ќе учествуваат и делегати од ЕУ и од Бугарија, Франција, Грција, Италија, Хрватска, Австрија, Полска, Словенија, Чешка и Велика Британија, забележува dpa.