Германија денеска одлучи да протера 40 руски дипломати по повод убиството на цивили во украинскиот град Буча, за што се обвинуваат руските војници.
Владата во Берлин се сомнева дека тие дипломати се руски разузнавачи и им даде рок од пет дена да ја напуштат Германија, според АФП.
Германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок рече дека тие луѓе, вработени во руската амбасада во Берлин, претставуваат закана за оние кои бараат заштита од Германија.
Бербок алудираше на повеќе од 300.000 украински бегалци во Германија.
Неколку земји од ЕУ во последните денови одлучија да протераат руски дипломати поради настаните во Украина, која Русија ја нападна на 24 февруари.
Бројни влади денеска остро ги осудија убиствата на цивили во градот Буча. Украинските власти претходно соопштија дека по повлекувањето на руските сили, пронашле тела на стотици цивили, многу од нив со врзани раце, траги и рани од куршуми испукани од непосредна близина и траги од тортура.
Русија ги отфрли обвинувањата за убиства на цивили, велејќи дека тоа е „провокација од страна на украинските власти“.