Германија со амбициозни инфраструктурни планови, но ја ограничува работната сила од Балканот

од Љубиша Владимиров
41 прегледи

Идната германска влада, составена од демохристијаните (ЦДУ/ЦСУ) и социјалдемократите (СПД), планира да инвестира 500 милијарди евра во наредните години за обнова на дотраената инфраструктура железници, патишта и мостови. Дополнително, планира да се справи и со уште еден горлив проблем, недостигот на станови во Германија, пренесува dw.

Меѓутоа, овие амбициозни планови, покрај финансиски средства, бараат и голем број работници, како квалификувани, така и неквалификувани. Во последните години, потребите на германскиот пазар на труд, особено во градежниот сектор, беа делумно покриени преку т.н. Правило за Западен Балкан, воведено во 2016 година. Ова правило се издвојува од другите програми за имиграција на работна сила по тоа што не бара квалификации, туку само потпишан договор за вработување со германски работодавач. На тој начин, особено градежната индустрија доби можност да вработува и неквалификувани работници, кои се дефицитарни на германскиот пазар.

Минатата година, социјалдемократско зелено либералната влада ја зголеми годишната квота на работни дозволи според ова правило од 25.000 на 50.000. Но, новата влада, во својот коалициски договор минатата недела, најави дека квотата повторно ќе се намали на 25.000 годишно. Тоа предизвика револт и прашања кај многу работодавачи во Германија.

„Правилото за Западен Балкан се покажа како ефикасна алатка за наоѓање работници без прекумерна бирократија, нешто што е реткост кога станува збор за имиграцијата“, изјави Ахим Диркс, заменик директор на Германската индустриска и трговска комора, за Штутгартер Цајтунг. Тој ја смета одлуката за преполовување на квотата за погрешна и контрапродуктивна.

Слично размислување има и Тим Оливер Милер, директор на Централната асоцијација на германската градежна индустрија. Тој нагласува дека намалувањето на квотата особено ја погодува градежната индустрија.

„Значителен дел од странските работници на германските градилишта доаѓаат од земјите од поранешна Југославија. Одлуката за намалување на квотата е изненадувачка и штетна, особено ако се земат предвид планираните инфраструктурни проекти, кои ќе ја зголемат побарувачката за работна сила“, предупредува Милер.

Намалувањето на контингентот нема да има негативно влијание само врз инфраструктурните проекти, туку и врз изградбата на станови, смета Аксел Гедашко, директор на чадор-асоцијацијата за изградба на станови (GdW).

„Ако приливот на работници од Западен Балкан се преполови, тоа може дополнително да го влоши недостатокот на работна сила на градилиштата“, вели тој.

И Јан Даненбринг од Централното здружение на германски занаетчии (ZDH) не ги разбира причините за ваквата одлука. „Федералната влада неодамна ја удвои квотата, а сега повторно ја враќа назад – иако околностите не се променети во однос на минатата година“, изјави тој за Штутгартер Цајтунг.

„Ако навистина сакаме да постигнеме напредок во областа на станбената изградба, ќе ни биде потребен секој работник“, додаде Даненбринг.

Негативни реакции и недоразбирања во однос на намалувањето на квотата доаѓаат и од редовите на експертите за пазарот на трудот. Херберт Брикер од Институтот за истражување на пазарот на труд (IAB) смета дека оваа одлука испраќа погрешен сигнал. Според него, правилото за Западен Балкан досега се покажало како успешен механизам.

„Меѓу 95 и 98 проценти од лицата кои пристигнале во Германија преку ова правило се и натаму вработени и редовно плаќаат придонеси веќе во првата година по нивното доаѓање“, заклучува Брикер.

Слични содржини