Германската влада назначи менаџер на филијалата на руски „Газпром“, која се повлече од сопственоста, за да обезбеди континуитет на снабдувањето, соопшти Министерството за економија, повикувајќи се на планираната ликвидација на компанијата.
„Газпром“ минатиот петок објави дека се повлекува од својот удел во „Gazprom Germania GMBH“ и други средства во Германија, вклучително и лондонската „Gazprom Marketing & Trading Ltd“, без да даде детали или објаснувања за таквата одлука.
Седиштето на „Газпром Германија“ е во Берлин, а негов единствен акционер е „Газпром Експорт“, подружница на „Газпром“ во целосна сопственост.
Нејзините основни деловни активности вклучуваат складирање, трговија и снабдување со гас, кој се користи како гориво во патниот и поморскиот транспорт, а исто така поседува и мрежа на бензински пумпи во Германија и Чешка.
„Газпром“, меѓу другото, управува со најголемиот складишен капацитет за гас во Германија, кој сочинува една петтина од капацитетот за складирање на гас во Германија, според ДПА.
Министерството за економија во понеделникот посочи дека „Газпром Германија“ управува со исклучително важна инфраструктура во Германија.
Нејзиниот сопственик „Газпром“ соопшти дека се повлекува од „Газпром Германија“ и не е јасно кој ќе биде новиот економски и правен сопственик на акциите, нагласи министерот за економија Роберт Хабек.
„Овој факт сам по себе е кршење на прописите“, посочи Хабек, додавајќи дека министерството „научило“ дека нов сопственик на „Газпром Германија“ преку индиректна аквизиција е АД „Палмари“ и „Газпром Бизнис Експорт Сервисс ДОО“.
Бидејќи „Газпром Германија“ управува со клучната инфраструктура, а купувачот не е од ЕУ, аквизицијата мора да биде одобрена од германската влада, соопшти Министерството.
Нејасно е „кој економски и законски стои зад двете компании“, а новиот сопственик, според министерството, наредил ликвидација на „Газпром Германија“, што не е легално додека не се одобри аквизицијата.
Министерството не го одобри, па сите последователни законски чекори се ништовни, посочија тие, доделувајќи и на „Газпром“ на Германија привремен управител, регулатор на мрежата БНА.
Со овој потег сакаме да обезбедиме снабдување со гас, не само за Германија, туку и за европските партнери, рече министерот Хабек.
„Газпром Германија“ поседува други компании во германската гасна индустрија, вклучувајќи го снабдувачот на гас „Вингас“, операторот за складирање гас „Астор“ и малцинскиот удел во компанијата за пренос на гас „Гаскад“.