Германија утре избира претседател: Штајнмаер на прагот на втор мандат

од Vladimir Zorba
222 прегледи

Во Германија во недела на 13 февруари ќе се одржат избори за претседател, а речиси е извесно дека на таа позиција ќе остане актуелниот шеф на државата Франк-Валтер Штајнмаер, кој има поддршка од владејачката коалиција и водечките опозициски партии за следните пет години.

Претседателот има мала политичка моќ во Германија, но тој е институција која ужива голема репутација во јавноста.

Поранешниот министер за надворешни работи, социјалдемократот Штајнмаер (66) е шеф на државата од 2017 година. Во Германија претседателот може да се избира само во два мандати.

Го избира Федералното собрание, кое се состанува на секои пет години и се состои од 736 пратеници на Бундестагот и претставници на 16 сојузни покраини, вклучувајќи не само политичари, туку и јавни личности од културата или спортот.

Меѓу делегатите на провинциите ќе биде и поранешната канцеларка Ангела Меркел, која ретко се појавува во јавноста откако ја напушти функцијата.

Штајнмаер веќе обезбеди широка поддршка. Покрај поддршката од трите партии кои ја сочинуваат владејачката коалиција, социјалдемократите (СПД), либералите (ФДП) и Зелените, Штајнмаер е поддржан и од опозициските демохристијани (ЦДУ/ЦСУ).

Три помали парламентарни партии предложија свои кандидати, но немаат шанси.

Партијата на левицата го номинираше докторот и научник Герхард Траберт, додека Алтернатива за Германија (AfD) Макс Оте, кој, интересно, е член на Христијанско-демократската унија (ЦДУ). Слободните гласачи го номинираа локалниот политичар од Бранденбург, Стефани Гебауер.

Политичките овластувања на претседателот на Германија се мали. Како шеф на државата ја застапува во странство и во време на политички поделби може да делува како интегративен фактор.

Заслуга на Штајнмаер е што неговата СПД, по изборите во 2017 година, повторно влезе во владејачката коалиција со демохристијаните на тогашната канцеларка Ангела Меркел.

Во февруари 2017 година е избран за претседател како заеднички кандидат на тогашната црно-црвена коалиција.

Она што е невообичаено за Германија, Штајнмаер се предложи себеси за втор мандат, во мај 2021 година, пред федералните избори, кога не беа познати идниот однос на силите во парламентот и неговите шанси да биде избран.

Штајнмаер е популарен кај народот, но е критикуван дека е „безбоен“ на функцијата, дека дава премалку иницијатива и дека нема инспиративни државни говори.

Тој е четвртиот социјалдемократски претседател на Германија, по Густав Хајнеман (1969-1974) и Јоханес Рау (1999-2004), а пред нив Фридрих Еберт (1919-1925) во Вајмарската Република.