Германскиот индекс на големопродажните цени, мерка за инфлација врз основа на цените на суровините, падна за 2,9 отсто во јуни, што е најголем пад на годишно ниво во последните три години, објави во петокот Федералниот завод за статистика (Дестатис).
Најголемо влијание врз севкупниот развој имаше остриот пад на цените во трговијата на големо со минерални нафтени производи“, вели Дестатис, пренесе „Фена“.
Големопродажните цени на овошјето и зеленчукот, пак, се зголемени за речиси 30 отсто во однос на претходната година, додека особено нагло пораснале цените на живите животни за дваесет отсто, наведува Дестатис.
Иако инфлацијата во Германија во јуни забави на 6,4 отсто во однос на претходната година, порастот на цените на храната сепак го спречува нормализирањето на потрошувачките цени.
„Ефектите од инфлацијата силно ги погодуваат потрошувачите“, предупреди Германската федерација за малопродажба (ХДЕ) на крајот на јуни.
Според неодамнешниот монитор за потрошувачи на HDE, 45 отсто од испитаниците рекле дека „на овој или оној начин ги намалуваат другите трошоци поради високите трошоци за храна“.
Потрошувачите во Германија „ќе ги набљудуваат промените на цените и ќе го прилагодат своето куповно однесување“, рече извршниот директор на HDE, Стефан Гент, додавајќи дека тие „често ќе купуваат помалку и во многу случаи ќе се префрлат на поевтини производи“.
Германската економија остана во „тешка средина“ на почетокот на летото 2023 година, објави Министерството за економски прашања и климатски мерки (BMWK) во својот месечен економски извештај во петокот.
„Загубата на куповната моќ поради високата, иако опаѓачка, инфлација продолжува да делува како кочница за домашната економија, што влијае на приватната потрошувачка“, велат од БМВК.
Водечките показатели сугерираат дека „не може да се очекува поголем поттик на растот од личната потрошувачка во реални услови во наредните месеци“, додава „Ксинхуа“.