Германија забрзано се подготвува за војна, познато е и што ќе следи доколку се потрошат залихите на храна

од Milan1
831 прегледи

За прв пат по Студената војна, Германија ги ажурираше своите планови во случај на нејзина територија да избие копнеен конфликт!

Документот од 67 страници, познат како Рамковна директива за општа одбрана, кој беше објавен пред неколку дена, предвидува целосна трансформација на секојдневниот живот на германските граѓани во случај на војна. Тоа е уште еден знак дека Германија, која има цврст антимилитаристички став од Втората светска војна, ја прилагодува својата безбедносна и воена политика во пресрет на војната на Москва против Украина.

Доколку избие војна, регрутирањето ќе биде вратено и квалификувани работници на возраст над 18 години би можеле да работат на одредени работни места, вклучувајќи пекари и пошта. Лекарите, психолозите, медицинските сестри и ветеринарите исто така може да бидат префрлени во војската и во државните служби.

Би се вовела и рационална потрошувачка. Во случај на недостиг од залихи со храна, Владата на граѓаните би им обезбедила по еден топол оброк дневно на неопределено време. Федералните резерви ќе вклучуваат резерви на храна како ориз, мешунки и кондензирано млеко. Други клучни ресурси како што се бензинот и нафтата, исто така, може да се купат само со купони, доколку се оскудни.

Документот предвидува и мерки за цивилна заштита – вклучително и трансформирање на подземните станици во импровизирани бункери и подготовка на болници за прилив на пациенти.

Министерката за внатрешни работи, Ненси Фесер, при претставувањето на плановите рече дека е неопходно и Германија подобро да се вооружи бидејќи, според неа, се соочува со агресијата на Москва.

– Руската агресија целосно ја промени безбедносната ситуација во Европа. Тоа пред се го чувствуваат нашите источни партнери во ЕУ и НАТО, како што се балтичките земји, но агресијата е забележлива и врз основа на хибридни закани како сајбер напади, шпионажа и дезинформации овде. Покрај сите заштитни мерки на нашите безбедносни органи и военото одвраќање и одбрана, мора дополнително да ја зајакнеме цивилната заштита – изјави Фезер.

Во документот се предупредува дека германските болници ќе мора да се подготват за лекување на голем број пациенти во подолг временски период. Се додава дека, доколку избие војна, германското население не може да смета на итна помош организирана од владата поради можноста за појава на несакани ситуации истовремено на голем број локации. Цивилите мора да бидат подготвени прво да си помогнат себеси и на своите соседи каде што е можно.

Подрумите, подземните паркинзи и станиците на метрото треба да се користат како привремени бункери, се вели во документот, додавајќи дека нападите може да се случат со екстремно кратко време на предупредување.

Германските електронски и дигитални медиуми ќе бидат обврзани со закон веднаш да споделуваат важни владини информации. Како германски државен радиодифузен сервис, Дојче веле ќе биде законски обврзан да и обезбеди на владата информации за времето на емитување за објавување на новите закони, регулативи и ажурирања.

– Властите ќе имаат овластување да евакуираат цивили во одредени области, иако семејствата не треба да се раздвојуваат – се наведува во документот.

Иако се очекува германските метеоролошки служби да продолжат да работат дури и во случај на вонредна состојба – властите би можеле да го забранат или ограничат објавувањето на прогнозите.

Германскиот министер за одбрана Борис Писториус изјави дека земјата мора да биде подготвена за војна до 2029 година.

– Не смееме да веруваме дека Путин ќе застане на границите на Украина кога ќе стигне толку далеку – рече Писториус.

Русија неодамна издаде некои од своите најсилни предупредувања досега до Западот, откако некои од сојузниците на Украина му дадоа дозвола на Киев да го користи своето оружје за да напаѓа ограничени цели на руска територија.

Путин во средата рече дека испораката на западно оружје во Украина е „сериозен и опасен“ чекор, додавајќи дека тоа може да доведе до тоа Москва да ги вооружи непријателите на Западот. Рускиот лидер конкретно укажа на распадот на односите на Русија со Германија, тврдејќи дека појавата на германски тенкови во Украина предизвика шок, бидејќи до сега двата народа беа полни со почит еден кон друг.

Слични содржини