Германија започна со изградба на првиот копнен терминал за течен гас

од Vladimir Zorba
80 прегледи

Во петокот, во Штаде во близина на Хамбург, Германија ја започна изградбата на првиот од трите планирани копнени терминали за прием на течен природен гас. Терминалот треба да биде пуштен во употреба во 2027 година, а го градат неколку приватни компании. Според нивните податоци, проектот е вреден околу една милијарда евра, пишува агенцијата Дпа.

Еколошките организации го осудија проектот, велејќи дека тој ги загрозува климатските цели.

Премиерот на покраината Долна Саксонија, Стефан Вајл, рече дека е среќен, „што Германија во сферата на снабдувањето со енергија покажува дека може да го направи тоа толку брзо“.

Терминалот ќе води од Штаде до Чешка, чиј енергетски концерн ЧЕЗ веќе нарачал испораки. На отворањето на работите присуствуваше и чешкиот министер за индустрија Јозеф Сикела. Тој на германски оцени дека секој кубен метар гас што неговата земја не мора да го увезува од Русија е „чекор во насока на слабеење на руското влијание во Европа“.

На долг рок, копнените терминали во Германија треба да ги заменат пловечките терминали. Покрај оној во Штаде, се планираат уште и во Вилхелмсхафен и Брунсбител.

Германија со години се потпираше на увозот на руски гас, но поради конфликтот по рускиот напад на Украина во 2022 година, го загуби тој извор и итно разви план за алтернативни извори.

Слични содржини