Германка мора да врати 60.000 евра пензија, десет години добивала повеќе отколку што требало

од Nikola Popovski
49 прегледи

Вдовица од германската сојузна покраина Хесен ќе мора да врати речиси 60.000 евра пензија, бидејќи со години не пријавила дополнителен приход што влијае на износот на семејната пензија, се вели во пресудата на Судот во Хесен.

Како вдовица, жената добила голема семејна пензија по смртта на нејзиниот сопруг во 1996 година, но и своја старосна пензија во 1999 година, објави магазинот „Феникс“.

Сепак, таа никогаш не ја пријавила втората пензија, иако била обврзана да го стори тоа, бидејќи според законот, истовремениот приход влијае на износот на семејната пензија. Поточно, 40 проценти од износот што го надминува прагот на ослободување од данок се одбива од семејната пензија, која во нејзиниот случај никогаш не била пресметана.

Преку автоматска размена на податоци во 2019 година, системот открил неправилност, а пресметката покажува дека биле исплатени вкупно 59.831 евра повеќе отколку што жената имала право да добие. Постапката за враќање е започната.

Вдовицата тврдела дека не била свесна за обврската за пријавување и дека ги пополнила сите обрасци во општинската канцеларија, мислејќи дека информациите веќе се проследени до пензиското осигурување. Таа, исто така, изрази неверување дека грешката не била забележана цела деценија. Но, судот не ги прифати тие аргументи. Во образложението на пресудата беше истакнато дека 86-годишната жена грубо и небрежно ја прекршила обврската за учество, бидејќи во 1996 година била изречно предупредена во одлуката за пензија дека мора да ги пријави сите дополнителни приходи, вклучително и сопствената пензија.

Иако жената изјавила дека нема заштеди со кои би можела да го отплати долгот, судот не нашол законска основа за делумно простување, бидејќи десетгодишниот рок на застарување не бил истечен. Затоа, таа мора да го врати целиот износ, без право на жалба.

Слични содржини