ГЕРМАНСКА ФЕДЕРАЛНА АГЕНЦИЈА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ: Втората фаза од спроведувањето на Законот значително ќе го олесни вработувањето на работници од земји надвор од ЕУ

од Vladimir Zorba
610 прегледи

Втората фаза од спроведувањето на Законот за квалификувана имиграција значително ќе го олесни вработувањето на работници од земји надвор од Европската унија, објави во средата германската Федерална агенција за труд.

Домашните компании годинава ќе можат да вработат до 25.000 странски работници на одредено време. Ова првенствено се однесува на потребите на шпицот на сезоната. Новата фаза од спроведувањето на законот стапува на сила на 1 март, пренесува германската новинска агенција (dpa).

Предуслови се работен однос од најмалку 30 часа неделно, можност за регулирање на работата преку колективен договор и плаќање на социјални придонеси.

Работодавачот има обврска да ги покрие патните трошоци на увезената работна сила.

Стручната подготовка и диплома не се услов, посочуваат од агенцијата, а како пример го наведуваат вработувањето во угостителството или на аеродромите.

Вработувањето е ограничено на најмногу осум месеци. Во исто време, земјоделските работници не се вклучени во квотата од 25.000.

Сепак, од март ќе биде полесно да се ангажираат квалификувани работници, велат од агенцијата.

Условот е диплома или најмалку две години стручно усовршување во странство и најмалку две години работно искуство.

Регулативата се однесува на нерегулирани занимања, како и на работници во регулирани професии чии квалификации сè уште се проверуваат во Германија.

Оваа категорија вклучува медицински персонал, архитекти, државни службеници и лекари. Повеќето професии во Германија не се регулирани.

Слични содржини