Германска компанија нуди бесмртност за 220.000 долари, на листата на чекање веќе има 650 луѓе

од Milan1
100 прегледи

Тумороу био“ (Tomorrow Bio) нуди можност за продолжување на животот со надеж дека зачуваните тела можат да се оживеат кога науката ќе го овозможи тоа.

Идеите за научна фантастика кои до неодамна ги гледавме во филмовите стануваат сè повеќе реалност. Замислете ја можноста да ве замрзнат по смртта со надеж дека еден ден ќе оживеете благодарение на идната технологија.

Оваа идеја станала реалност благодарение на германската стартап компанија „Тумороу био“. Оваа компанија, пионер во областа на криопрезервацијата, нуди услуга на замрзнување тела во течен азот со надеж дека идните технологии ќе можат да ги оживеат.

Иако цената на услугата е 220.000 долари, интерес веќе пројавиле повеќе од 650 луѓе. Компанијата, основана во 2020 година, досега замрзнала шест луѓе и пет домашни миленици, а планира да се прошири на американскиот пазар до 2025 година.

Процесот на криопрезервација започнува веднаш по смртта. Специјализиран тим го лади телото до минус 80 степени Целзиусови и ги заменува телесните течности со криопротективни средства. Потоа, телото се складира во швајцарска устанува на температура од минус 196 степени Целзиусови.

„Тумороу био“ нуди можност за продолжување на животот со надеж дека сочуваните тела можат да се оживеат кога науката ќе го овозможи тоа. Компанијата сонува за свет во кој луѓето можат да изберат колку долго сакаат да живеат, без оглед на сите други околности.

Фернандо Азеведо Пинеиро, еден од основачите, верува дека може да бидеме сведоци на напредокот во криопрезервацијата и реанимацијата на сложените организми во текот на нашиот живот. Компанијата го започнува процесот на криопрезервација веднаш по смртта, користејќи специјализирани амбуланти во европските градови како Берлин, Амстердам и Цирих.

По транспортот, телото се става во челичен сад со течен азот и се чува на минус 198 Целзиусови степени во текот на 10 дена за да се постигне потребната температура за зачувување. Теоријата е дека напредокот во медицината во иднина би можел да овозможи оживување на зачуваните личности и лекување на болестите што довеле до нивната смрт.

Меѓутоа, криопрезервацијата не е без етички и филозофски дебати. Критичарите поставуваат прашања за моралните импликации на биостазата, несигурноста на оживувањето и можните социјални влијанија на таквите технологии.

Клиентите што ќе се одлучат за оваа опција плаќаат членарина од најмалку 25 евра месечно до моментот на криопрезервацијата. Трошоците за мирување и складирање се плаќаат кога ќе стане потребно зачувувањето, додека алтернативно може да се избере да се зачува само мозокот за 80.000 евра.

Слични содржини