Германската полиција очекува дека околу 500 српски хулигани ќе се обидат да предизвикаат насилства на мечот против Англија на Европското фудбалско првенство. Петер Бот, шефот на полицијата на Гелзенкирхен, каде што в недела ќе играат Србија и Англија, кажа дека ќе биде предизвик да се пресретне групата пред да се судри со англиските фанови.
Се очекува околу 40.000 англиски и 5.000-6.000 српски навивачи да допатуваат во Гелзенкирхен, со што УЕФА го означи мечот како високоризичен во консултација со полициите на Германија, Србија и Велика Британија.
„Германската полиција нема потврдени разузнавачки информации, но веруваме дека 400-500 српски хулигани ќе патуваат во Германија со цел да прават нереди. Најголемиот проблем ќе ни биде да ги идентификуваме овие групи во рана фаза и да ги одвоиме од мирните фанови“, изјави Бот.
Повеќе од 1.000 германски полицајци ќе го обезбедуваат неделниот натпревар, заедно со единица за спречување нереди, но Бот вели дека водени топови нема да бидат распоредени.