Новата германска влада сака да го намали буџетскиот јаз со притисок врз луѓето кои примаат надоместоци за невработеност и одбиваат понуди за работа, објави германската новинска агенција (dpa).
Владата ќе ја спроведе реформата што ја објавија демохристијаните и социјалдемократите во коалициски договор „многу брзо, но промислено“, изјави во вторник министерката за труд, Бербел Бас.
Зборувајќи на настан во Берлинскиот центар за вработување, таа рече дека „не е невообичаено“ половина од закажаните состаноци за понуди за работа во германските центри за вработување да пропаднат.
„Мислам дека треба да го смениме правилото“, додаде таа. „Сакам да го решам ова прашање законски, за центрите за вработување да имаат силен инструмент против прескокнување на закажаните состаноци.“
„Мора да одите на закажани состаноци во центарот за вработување. Ако некој не оди, мора да се соочи со значителни последици“, рече Бербел Бас, истакнувајќи дека нејзиното министерство „работи напорно на нацрт-закон“.
Коалициските партнери се заканија дека невработените кои се способни да работат и го одбиваат понуденото вработување ќе ги изгубат своите бенефиции.