Германија ја предупреди Србија да не ги продлабочува врските со Русија, велејќи дека тоа би можело да ја попречи нејзината кандидатура за влез во Европската унија, изјавил извор од германската влада, објави весникот „Ди Велт“
Два дена пред самитот за Западен Балкан во германската престолнина, високиот функционер рекол дека Белград мора да одлучи на чија страна е: на Москва или на ЕУ.
„Односите со Србија се комплицирани – има и светлина и сенки“, рекол изворот за Ди Велт, кој сакал да остане анонимен.
Изворот истакнал дека германската влада, на пример, била „изненадена и разочарана“ кога српскиот министер за надворешни работи Никола Селаковиќ во септември потпишал договор со неговиот руски колега Сергеј Лавров со кој се согласил да се консултира за надворешната политика.
Германскиот функционер вели дека е време српскиот претседател Александар Вучиќ да избере страна.
„Ако го тргне патот кон Европа, ќе добие поддршка и од ЕУ како целина и од германската влада. Ако го избере другиот пат, тоа ќе има последици за иднината на Белград во ЕУ“, пишува германскиот медиум.
Србија е кандидат за членство во Европската унија од 2012 година, но нејзините перспективи се сметаат за мрачни без нормализација на односите со Косово. Белград не ја прифаќа независноста што во 2008 година ја прогласија мнозинството Албанци на Косово.
Тензиите се засилени со војната во Украина, при што многу Срби сочувствуваат со традиционалниот сојузник Русија. Белград во ОН ја осуди инвазијата на Украина, но одби да се приклучи на европските санкции против Москва.
Самитот во Берлин во четврток, чиј домаќин е германскиот канцелар Олаф Шолц, ќе ги собере шефовите на владите на Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Северна Македонија, Црна Гора и Србија, како и лидерите на ЕУ.
Учесниците од Западен Балкан мора да потпишат три договори: за взаемно признавање на лични документи, универзитетски дипломи и професионални квалификации.